astrajon.blogspot.com

Next race: www.highscardusultra.com

Tuesday, January 31, 2023

Трчање во низа

Историја

Трчањето во низа  секојдневно датира повеќе од пола век и е долго повеќе од 52 години. Од тоа што јас успеав да најдам е онаа на Рон Хил од Англија 52 години и 39 дена(податок од Ранерс Ворлд) и на Џон Сатерленд 52 години и 22 дена(податок од Аутсајд магазин). Рон Хил ја има прекинато својата низа на 29.01.2017 година со што Џон Сатерленд официјално е човекот со најдолга низа.

Почеток

Јас мојата низа ја започнав на 19.12.2021 година без намера да направам подолга низа. Случајно врзав една седмица секојдневно трчање со дистанци од 8-11км како што си трчав и обично. Идејата за ова дојде после 10 дена кога поради обврски истрчав само 2.5км. Веројатно најкраткото трчање кое сум го имал до тогаш, а сепак го имав она задоволство како по секое „нормално“ трчање од 8-11км. Тогаш решив да се обидам тоа да го правам секој ден за една година. Како долна граница си поставив минумим 2км што беше реално изводлива дистанца. 

Откако си ја поставив целта веќе беше се полесно. Ретко да имав денови кога немав мотивација за трчање. Мислам дека беа само 2-3 такви дена во цела година.  Почнав да уживав и во тие кратки трчања а како што одминуваше времето така и тие кратки трчања ми стануваа потреба.

Паралелно со низата си поставив цел за 2022 година да надминам 3.000км. Ова не претставуваше поголем проблем. Имав истрчано 3.179км или просечно 8.7км на ден, 

Пречки

Како и во се во животот и овде се појавија некои пречки. За среќа немав повреда иако очекував да случи. Мислам дека оваа низа делува/ше превентивно во поглед на повредите. Затоа пак се случи да фатам корона и 10 дена иако бев во изолација излегував доцна навечер да ја одржам низата. Имаше период кога трчав со температура но после трчањето се чувствував многу подобро. Најтешко беше трчањето со дијареа кога за 2км морав три пати да застанувам за тоалет. Најмногу од се ме плашеше помислата дека некој ден ќе заборавам да истрчам. Па така една вечер пред да појдам на спиење почнав да се туширам и се сетив дека не сум трчал тој ден.  

Предности

Голем дел од овие кратки трчања што ги правев беа со навистина лесен ритам. Некогаш и со 7:00-7:30 мин/км. Повеќе наликуваа на опоравување или загревање за некое побрзо трчање. Најголема предност од низата почувствував на долгите трчања особено на ултрамаратоните кога тој бавен ритам на трчање е неизбежен. Како што се зголемуваше низата така и трчањата беа се полесни. Дури и по 100-те милји на Пирин немав проблем да ја продолжам низата наредниот ден.

Недостатоци

Најмногу од се би го истакнал трчањето доцна навечер. Кога имав во план да истрчам само кратко тоа го оставав за најчесто за крај обично после 22ч. Како второ немав доволно време да посветам да возењето велосипед, а кога го правев тоа се трудев да истрчам претходно. 

Што понатаму

Откако помина една година секојдневно трчање сфатив дека би сакал да ја продолжам оваа низа што подолго се додека не почуствувам дека таа влијае негативно на мене или мојата околина. 

Friday, October 21, 2022

Pirin Ultra 160k(23.09.2022)

Желбата за должина од 100 милји и некаде во соседството ме одведоа на Пирин 160к. Немав ваква должина од 2018 година а годинава немав ни толку долги тренинзи. Како главна припрема ми беше етапната High Scardus Ultra, 20 дена претходно. 

За Пирин Ултра 160к знаев само дека има доста тежок терен, денивелација од 11.000м+ и дека стартот и финишот се во Банско. Освен првите 15к немав претстава за каков терен се работи. 

Профилот на патеката

Пет дена пред настанот временската прогноза најавуваше студено време со снег над 2000м и дожд во пониските делови. За среќа на ден пред настанот прогнозата се поправи и предвидуваше само ниски температури од -6С до -12С на највисоките делови.



Стартот беше утрински во 08:00 по локално време, со тоа што дроп-беговите требаше да ги оставиме најдоцна до 07:00 на старт. Затоа пред 07:00 се појавив на старт облечен во се што имав во ранец. Влегов и во едно кафуле да се напијам чај и да се стоплам колку што можам. Таму се сретнав со учесник од Хрватска, Дарио, кој беше добро запознаен со нашата тркачка заедница. 

На старт организаторот на секој учесник му доделуваше ГПС уред за следење во текот на настанот. Стартував скоро последен и полека почнав да се загревам по нагорнината кон првата контолна Бандерица на 10к. 

Стравот од претходните денови полека исчезна и ми се врати самодовербата, која повеќе се темелеше на искуство отколку на тренинзи, дека можам да ја завршам оваа ултра. Обично пред секој ваков голем предизвик за мене, давам посвета кон некој што мене лично ми значи. Оваа ултра му ја посветив на Тасо, со кого поделивме прекрасни моменти на планина и кој секогаш ги подржуваше овие предизвици.   

Кон Бандерица во главно се движевме по ски патеката со мали исклучувања. Од таму се движевме кон домот Вихрен а потоа кон сртот помеѓу Вихрен и Вихренски Преслап  па кон Влахино Езеро. Во овој дел се сретнав со Никола Николов-Никси, вистинска легедна на ултра трејл трчањата во Бугарија и редовен учесник на Крали Марко Трејлс. Си направивме убав муабет распрашувајќи се меѓусебно за нашите заеднички пријатели-тркачи од Македонија и Бугарија. Овде веќе теренот стануваше се потежок за трчање и бараше многу концентрација се додека не се навлезе во шумата, движејќи се паралелно со Влахина Река. На втората контролна точка Мандрата, на која се минува два пати на 25к и 86к, имавме дроп-бег кој не го искористив на првото минување. 

Влахино Езеро, малку замрзнато

Спуштањето кон Влахино Езеро. Фотографија на организаторот

Само што ја напуштив контролната точка се сретнав со учесник од Чешка, Томаж, кој минатата година ја поминал патеката за околу 42 часа. Томаж ми даде многу корисни информации за тоа што следува понатаму и решивме да се движиме заедно кон следната контролна точка, домот Јаворов на 40к. Таму осетив голема глад и јадев премногу. Меѓу другото и топло гравче поради што мислев дека ќе имам проблеми. За среќа се помина во ред и речиси и да не јадев во следните 5 часа до следната контролна, село Сенокос. 

Делот до село Сенокос, односно врв Пирин, беше еден од најтешките делови и среќа што дојде во овој дел кога сеуште не бевме многу уморни и со мојот ритам на движење можев да го поминам само што падна ноќта. Се движевме низ терен исполнет со камени блокови, гранки, клеки и борови и поминавме покрај неколку врвови, Даутов 2597м и Безимен 2600м. Во овој дел со Томаж изгубивме контакт и повеќе не се сретнавме. Затоа пак на кратко се сретнав со учесник од Холандија, Том, со кого неколку пати се разминувавме на контролните точки понатаму. 

Искачувањето кон врв Пирин. Фотографија на Том

Фотографија на Том, кој ми беше гост во Штип неколку дена по настанот

За спуштањето од врв Пирин посебно беше нагласено дека е доста опасно со многу камеања и бара многу внимание. За среќа немаше дожд и се работеше за големи камени блокови, доста стабилни. На некои делови имаше поставено и јажиња, повеќе за давање насока отколку за спуштање. Таму налетав на учесник од Полска, Збигнев, кој се беше одалечил малку од маркираната патека. На крај овој момент испадна како еден од клучните во целата трка поради тоа што финииравме заедно. Веќе беше ноќ и се движевме со челни лампи. Теренот стануваше се попитом и трчлив. Во село Сенокос на 60к бевме за 13:30 часа. 

Контролната во Сенокос беше во куќен двор на полуотворен простор но располагаше со се што беш потребно. Таму се сретнав со Пирин Галов, уште една легенда во ултра трејл трчањето од Бугарија. 

На контролните со Збигнев трошевме доста време хранејќи се и пиејќи имајќи го во предвид временското растојание помеѓу нив кое беше од 4 до 6 часа иако километарски беа раздвоени од 15к до 26к. На сите контролни не пречекаа насмеани, љубезни и расположени лица.

Неколкупати во текот на трката помислив да се откажам со изговор дека овоа не е мој тип на ултра, дека теренот е претежок, дека има многу одење а малку трчање... А против одговор за ова ми беше да пробам до следната контролна и се дури не сум повреден ќе продолжам понатаму.

Од с.Сенокос до следната контролна Мандрата не чекаа 26к со 1000м +Д, главно широк земјен пат. Овој дел го поминавме доста добро трчајќи ги рамните делови и со брзо одење минувајќи ги благите угорнини. На овој дел поминавме еден учесник од Полска, Кристијан, со кого се запознавме на церемонијата на прогласување наредниот ден и бев навистина зачуден од трките и неговите лични проекти кои ги има остварено. А тие беа нешто како 1000к во трки за пет седмици од кои Свис Пикс 360к, Монтро 100м, Истра 100м... За жал немаше свој ден и се откажа во с.Сенокос. 

Со Божо и Збигнев

Со Том повторно се сретнавме и тројцата продолживме кон Мандрата. За нешто помалку од 18 часа бевме таму. Далеку од замисленото време ама барем го поминавме потешкиот дел. Јас уште со самото пријавување како главна цел си го поставив финиширањето па макар било и во лимит од 50 часа и со преспивање. Како втора опција го имав финиширањето во времески лимит од 35-38 часа односно што помалку да навлезам во втората ноќ. Затоа замисленото време до Мандрата на 86к ми беше околу 14 часа имајќи во предвид дека во вториот дел поради уморот ќе се движам значително поспоро. 

На контролната сретнав уште една легенда од Бугарија, Божо, кој беше долго време на втората позиција но поради повреда се откажа. Овде еден од волонтерите ми ја препозна банданата со логот на Крали Марко Трејлс на кој и самиот учествувал една година. Беше од Варна. На прашањето зошто толку голем пат за Крали Марко Трејлс и тоа за 35к, ми одоговри дека било заради ајварот.

До таму немав проблеми во однос на опремата и решив само да сменам чорапи. Од дроп-бегот дополнив во ранец резерва храна за да имам помеѓу контролните. Како и на сите контролни и овде јадев супа и чај. Потребата од нешто топло на такви услови е огромна.

Следната контролна беше домот Беговица,а попатно минувме покрај домот Синаница, кој беше затворен но во близина имаше извор со вода. Беше доста студено и непосредно пред изгрејсонце. Овде имав две големи кризи за спиење. Збигнев се движеше побрзо од мене и едвај успевав да го држам тој ритам. Сепак после 23:30 часа на почетокот на новото утро стигнавме во д.Беговица. Веднаш ги собув патиките и легнав на една од клупите во домот. Пробував да спијам но всушнот лежев со затворени очи и го слушав секој разговор. Немав претстава колку лежев така, но не беше подолго од 20минути. Ова беше вториот клучен момент во трката. Јадев две супи и планирав да одморам повеќе време па на Збинев дури  му предложив да продолжи без мене. За кратко се прибрав и побарав да ми даде уште 5 минути и заедно да продолжиме.  

Вториот клучен момент на трката. Фотографија на Том

По одморот и ова не беше тешко искачување. Фотографија на Том

Од краткиот одмор/спиење за кратко по излезот од д.Беговица почнав да се чувствувам освежено и можев да качувам многу побргу. А искачувањето кон Куклите 2693м тоа и го бараше. Овде повторно се разминавме со Том за последен пат, кој веќе го беше фатил умор. На сртот кон Забот 2685м малку се збунивме не можејќи да ја најдеме следната маркација. Моравме да се вратиме малку назад и ја видовме во далечината следната а и останатите маркации кои отстапуваа од сртот и не спуштаа во насока на домот Пирин. Растојанието помеѓу овие контролни беше само 12к за кои ни требаа околу 3 часа и 15 минути.

Остануваше уште само една контролна точка, домот Безбог. До таму околу 19к со 1520м +Д и 970м -Д. По излезот од домот најпрво се движевме по шумска патека за потоа да почнеме да ја следиме Демиркаписка(Трета) река. Всушност тоа е долина која од запад и исток е опколена со врвови повисоки од 2600м а наше беше да прогнозираме кој од тие врвови ќе треба да го искачиме. Испадна дека треба да се движиме кон северо-запад и да го искачиме Кралевдворска Десна Порта 2606м. Од таму имаше убав преглед и недалеку забележавме езеро и објект за кој помисливме дека е домот Безбог. Бевме пресреќни па дури и си честитавме. Но кога влеговме во објектот станавме свесни дека тоа е засолништето Тевно Езеро. Со мало разочарување и голема надеж дека не сме далеку од домот Безбог продолживме. Анализирајќи го профилот заклучивме дека ни остануваат уште две поголеми искачувања и исто толку спуштања. Овој дел минува покрај повеќе езера(Превалско, Валјавишко, Големо Валјавишко, Бански Езера) и е многу живописен што нам не ни значеше многу. Спуштањата беа претешки со многу камења а некаде и низ огромни камени блокови. Во споредба со профилот, кој беше збиен и даваше лажна претстава, искачувањата пак беа благи и бескрајни. 

Немавме идеја колку должински имаме изминато од последната контрола но сигурно временски бевме некаде околу 3 часа кога сретнавме официјален фотограф кој ни рече дека до Безбог имаме околу 3,5 часа. Секако со неверување ја прифативме оваа информација и подолживме да се движиме надевајќи се дека позади секој следен превој ќе го здогледаме домот. Целото тоа патување од 19к траеше нешто повеќе од 6 часа.    

Кон Безбог

Остануваа уште „само“ 29к по релативно лесен терен со 645м +Д и 1980м -Д. Беше јасно дека ќе навлеземе во втората ноќ па затоа ги припремивме лампи уште во домот. И покрај сите километри, искачувања и спуштања кои ги имавме прилично добро го поминавме овој дел и за 4 часа и 15 минути бевме во Банско. Идејата да пробаме да бркаме време под 37 часа ја напуштивме штом излеговме на првиот асфалтен пат над Банско. Сфативме дека тоа премногу ќе не потроши а и на двајцата не ни значеше премногу. Финиширавме со време од 37 часа и 14 минути. Целта беше исполнета.


Со Никси

Имав прекрасни моменти во текот на трката и навистина уживав во голем дел иако ова беше најтежок терен на кој досега сум бил. Запознав извонредни луѓе а се видов и стари пријатели по долги години. Ниту еднаш не зажалив што дојдов на Пирин и ниту еднаш не помислив дека нема да се вратам повторно. 

https://tracksport.live/r/pirin-ultra-2022

https://www.pirinultra.com

Monday, October 3, 2022

High Scardus Stage Ultra 105k(03-04.09.2022)

High Scardus Stage Ultra 105k е замислена како двоетапна трка од по 50к на територијата на Македонија и Косово. Рутата се движи по Шар Планина и ги опфаќа речиси нејзините најубави делови. Стартот за првиот ден беше предвиден од Попова Шапка до Арџена во Косово, а вториот ден стартот беше од Арџена до Призрен. Ова за сигурно е прва етапна трка во Македонија и Косово а најверојатно и на Балканот. Секако и за мене исто така прва етапна трка па многу не се двоумев околу пријавата. 

Богато мени со традиционални јадења
На ден пред трката(петок) имавме организран превоз од Приштина и Скопје до Попова Шапка. Бевме околу петнаесеттина натпреварувачи и сите не собра во едно поголемо комби. На Попова Шапка имаше можност да се преноќи во шатори од организаторот или во хотел Скардус каде што беше брифингот и вечерата за натпреварувачите.

Пред стартот
Утредента(сабота) стартот беше закажан за 07:00 пред самиот хотел. За тој ден не очекуваа 50к со околу 3000м +Д и шест контролни точки кои требаше да ги поминеме. Имаше поставено и строги временски лимити за сите контролни точки со цел да се избегне ноќта.
Целта за тој ден ми беше да стигнам што поодморен и без некоја повреда во Арџена. Од старт тргнавме заедно со Дарко Роглев и полека напредувавме кон контролните точки успевајќи и да претекнеме некој од натпреварувачите. Прва контролна беше седлото на Плат, па Долна Лешница, Титов Врв, Смрека, Боговинско Езеро и Тија Вода како последна. Теренот освен некои делови беше главно по планинарска патека, а на делови и по широк земјен пат. Успеав да финиширам малку под 9 часа, презадоволен од тоа што го видов и како ја поминав првата етапа.

Од Тија Вода кон Арџена
Тоа што ме плашеше беше наредниот ден и како телото ќе реагира на следните 50к. 
Следната етапа беше слично со 3000м +Д но со 4000м -Д и со малку потежок терен за разлика од првата. 
Неделата стартувавме во 07:30 со пола час задоцнувње. Имаше најави за лошо време кои сепак не се остварија за текот на трката. 
Во втората етапа требаше да поминеме четири контролни точки: Џинибег, Скарпа, Караула и ресторант Бјешка. Првиот дел од Арџена преку Челепински Врв до Џинибег минуваше по планинарска патека и беше релативно лесен за поминување. Вториот дел за мене беше најтешок на овие две етапи, а верувам и за остатите. Должински само 16к но временски ми беа потребни повеќе од 4 часа. Најпрво се движевме по граничната линија меѓу Македонија и Косово а потоа патеката почна да води кон во лево и да спушта стрмно надолу низ треви и грмушки кон еден извор. Овој дел беше тежок за навигација па постојано морав да ја следам патеката на телефонот. Од таму следуваше стрмно искачување по треви, грмушки и боровинки кон делот Шереметица од каде конечно можеше да се види Караниколичкото Езеро. Еден краток спуст кон езерото па следуваше можеби најстрмното искачување, за овие два дена, кон врвот Скарпа.  

На Караниколичко Езеро
Од врвот Скарпа па до Призрен следуваа долги 25к со речиси 2000м -Д и едно бескрајно искачување од 400м +Д. Попатно имаше и две контролни, сосем доволни за овој дел. 
Влегувањето во Призрен беше преку тврдината и води низ центарот на градот. Тајмингот беше таков што кога стигнав кај Синан Паша Џамија беше најраздвижениот период од денот па имав проблеми да го најдам финишот на трката. Финиширав со време од 10:35.